
Планинарскиот клуб „Љуботен“ организира изложба „85 години Попова Шапка“ со која ќе се одбележи 85-годишнината од отворањето на првиот планинарско-скијачки дом на Попова Шапка.
„Сите ние оваа година имаме повод за нешто интересно да се случи. Тоа е прослава на 85-годишницата од отворање на првиот скијачко-планинарски дом на Попова Шапка. 11.11.1934 година е датум запишан во историјата кога започнува приказната за Попова Шапка. Голем број ентузијасти, визионери, пионери на овие спортови кај нас, ја трасираат патеката по која ние денес одиме. Ајде да замислиме кому било потешко, на ним или на нас!? Да се градат објекти на Шара, без пат, без превозни средства какви што денес имаме, без финансиски сретства, во едно разбрането општествено уредување, помеѓу две светски војни…тешко, но сепак некој го трасираше тој пат. Развојот на Попова Шапка низ годините како скијачки, спортски и туристички центар, едноставно ја покажува волјата на населението и стеремењето кон европските вредности со почитување на традиционалните вредности. Брзината на развојот на центарот во триесеттите, педесеттите и осумдесеттите е реална слика за чекорите кој Попова Шапка ги прави а се само едно скалило позади европските центри“, изјави Јован Божиноски, претседател на најстариот планинарски клуб во нашата земја „Љуботен“ – Тетово.
Изложбата ќе биде поставена во големата сала на ДМУ „Тодор Скалоски – Тетоец“ – Тетово во понеделник, 11 ноември, со почеток од 19:30 часот. Истата ќе е составена од три поставки: пано на кои хронолошки ќе е претставен развојот на Попова Шапка низ фотографии, текстови и оргинални материјали од тие периоди; пано на кои хронолошки ќе се претставени рекламите лифлети, брошури и флаери за Попова Шапка и поставка со оргинални ски и планинарска опрема низ годините.
Текстот Изложба „85 години Попова Шапка“ во Тетово е превземен од МАКФАКС.