
Во галеријата „Мала станица“, во вторник (26 јуни), ќе се отвори изложбата со наслов „Плакатот во Националната галерија на Македонија“.
На изложбата, чиј почеток е закажан за 20 часот, првпат во седумдецениското постоење на Националната галерија ќе бидат изложени плакатите дизајнирани по повод сите изложби во текот на повеќе децении, кои опфаќаат период од петата деценија на минатиот век, па до денес.
Најстариот изложен плакат е од далечната 1955 од изложбата на големиот Хенри Мур, одржана во Даутпашиниот амам, каде што е основана и Уметничката галерија на Македонија со својата поставка во далечната 1948 година.
„Преку оваа изложба на плакатот се потсетуваме на низа ретроспективни претставувања на уметниците од основоположничката генерација – Личеноски, Мартиноски, Пандилов, Лазески… Димо Тодоровски, самостојни изложби на професорите од Факултетот за ликовна уметност – Мазев, Шемов, Хаџи Бошков. Значајни за Националната галерија се претставувањата на престижното Венециско биенале на уметноста, каде што сме изложувале повеќепати, изработени се плакати што може да се видат на оваа изложба, потоа соработката со сродни институции од странство и со нашите центри во САД, Бугарија, како и со градот Нирнберг“, се наведува во најавата на Националната галерија за овој настан.
Оттаму додаваат дека дизајнерскиот тим на националната установа за секој проект изработува соодветен плакат во координација со уметникот или кураторот.
Изложбата, која ќе трае во текот на јули, ќе ја отвори директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова-Ќерими, а организацијата е на вишиот кустос Маја Крстевска.
Текстот Плакатите од Националната галерија на Македонија на изложба во „Мала станица“ е превземен од МАКФАКС.