
Денес, со почеток во 18.30 часот, во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје (зелен покрив), се отвора самостојната изложба на академскиот графичар и графички дизајнер Дарко Аницин.
Целта на овој автономен и иновативен проект, со наслов „Боите на вкусот“, е преку мобилизирање на граѓаните/ките од разни културни средини, да ги поттикне на негување и афирмирање на традицијата и културата. Нешта што се помалку или повеќе интересни во зависност од интересот на поединецот. Но, нишката што ги поврзува сите се провлекува во истражување и проверување на евентуалната приказна што знае да го обои денот и расположението е оној сегмент што секој со задоволство го зема здраво за готово – храната. Храната овозможува своевидно директно искусување на историјата и културата, неизбежните составни делови од уметноста на гастрономијата, таа е еден од клучните елементи на материјалното културно наследство, еден од факторите на идентитетот на одреден народ, на одредено географско подрачје. Големо влијание врз нашата национална кујна, врз нејзиниот специфичен облик, имаат Турците поради долгиот престој на нашата почва од каде што е и доминантното влијание. Со појавата на печалбарството кон крајот на XIX век се воведуваат и новитети од Запад – тука се француската, унгарската, англиската, руската кујна – но незначително. Со текот на времето некои јадења, пренесувани со генерации, претрпеле влијанија (по вкус и боја), но целта е да ги зачуваме и грижливо да ги пренесеме на новите генерации.
Очекувани резултати се побудување размисли кај општеството за изразување, негување и афирмирање на традицијата и културата на заедниците во нашата држава (Скопскиот, Полошкиот, Југозападниот, Пелагонискиот, Вардарскиот, Југоисточниот,Североисточниот, Источниот Регион), поттикнување иновативност и креативност, практикување на уметноста во која било возраст.
Проектот почнува со објавување јавен повик/интерактивен конкурс за учество на публиката, каде што граѓаните и граѓанките праќаат по еден предлог-рецепт, составот со кои го подготвуваат своето омилено традиционално јадење, јадење што го афирмира или карактеризира поднебјето од каде што потекнуваат.
Експлозија од вкусови што даваат специфична карактеристика на препознатливост и уникатност.
Дарко Аницин прави избор на рецепти/традиционални јадења по кои создава акрилни дела (експлозија на бои и вкусови), кои ќе ги претстави на интерактивна изложба, каде што ќе може да се вкусат направените јадења според избраните рецепти.
Интеракција помеѓу набљудувачот, традиционалните јадења и ликовните дела.
Како што велат: празен стомак глава не мисли.
За авторот:
Дарко Аницин е роден 1977 година во Скопје.
Аницин е академски графичар и графички дизајнер, кој своето образование го има стекнато во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, потоа на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Својата креативност веќе 25 години најчесто ја изразува преку ангажмани во областа на графичкиот дизајн по што е и најпрепознатлив пред широката јавност.
Текстот „Боите на вкусот“ – самостојна изложба на академскиот графичар и графички дизајнер Дарко Аницин е превземен од МАКФАКС.