
На 15 ноември, со почеток во 20 часот, во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, ќе биде отворена изложбата на скулптури со наслов „Музички орнаменти“ од скулпторот Емил Солески.
Се работи за збирка од десетина скулптури работени во мермер во периодот од неколку последни години. Изложбата е проект што е поддржан од страна на Министерството за култура, а Солески првпат ќе биде претставен пред кумановската публика со свој самостоен настап.
Емил Солески е роден 1969 година во Прилеп. Студирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, отсек вајарство, во класата на професорот Бранко Конески, со конзервација и реставрација кај професор Благоја Кузмановски. Дипломира во 2002 под менторство на проф. Жарко Башески.
Првата самостојна изложба со наслов „Ритам“ – 2002 година ја поставува во склоп на Н.К.С. „Десет дена Крушевска Република“.
За делата од најновата продукција на Емил Солески, Никола Јованоски ќе запише:
…„Каменот и пламенот како симбол на вечноста ги премостуваат времињата за конечно да сфатиме колку сме мали пред минливоста на мигот во споредба со бесконечниот тек на звукот на каменот и пламенот. Искри на животот, темел на постоењето, а можеби и отпор кон минливоста.
Можеби се малку овие зборови за да се одгатне загатнатото од Солески, кој упорно го бара звукот на каменот во неговите постојани напори да се разгатне моментот на соочувањето на величината на нескршливоста на каменот и неговиот опстој во времето и просторот. Овој пат Солески се претставува со нова димензија, спој на музиката и каменот, спој на звукот и нескршливоста, преточени во форми кои личат на музички инструменти, а од кои некаде во нашата потсвест ѕуни екот на каменот и ни пренесува пораки од дамнини. Солески на еден препознатлив, за него начин, со совршено мазни линии во скулптурата ги слеал размислите на раѓањето, на звукот и неговото брановидно пренесување низ просторот и времето. Да, велам и во времето бидејќи неговите безвременски форми во кој било простор и во кое било време ќе го доловуваат звукот на каменот. А пламенот? Да, пламенот во уметниковата душа е оној што постојано нè тера да се нурнуваме кон непознатото и да создаваме за иднината…“
Изложбата во НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде поставена до 21 ноември.
Текстот Изложба на скулптури „Музички орнаменти“ од Емил Солески е превземен од МАКФАКС.