
Излегувањето од просечноста на ликовниот вокабулар, цртачката перфекција, широкиот дијапазон на визуализации и креативните импулси преточени во емотивни творечки жаришта, се само неколку од многубројните карактеристики кои стојат на уметничките платна со потписот на Драган Колебен. Пречистената и одмерена сликарска лексика доведена до фотографска прецизност ги издвојува неговите дела и ги воздигнува високо на пиедесталот на врвните македонски уметници кои го негуваат правецот „фигуративен реализам“. Користејќи го платното како книга, а боите како мастило, Колебен пишува инспиративни приказни полни со чисти емоции, притоа создавајќи безвременски сеќавања за човечката суштина, кои ќе бидат наследени од идните генерации.
Уметниците светот го гледаат на еден свој, поинаков начин и како таков го трансформираат на сликарското платно низ некоја своја призма. На кој начин Вие го правите тоа?
„ Повеќето од нас се оптоварени со козметичко негување на реалноста, така што индивидуализмот, во некоја рака, само привидно се поттикнува и истовремено е скротен со униформирање на духот и телото. Многу е раширен трендот да се поддржат искрени и непосредни карактери, иако малкумина се прашуваат дали во моментот на нивната ‘глорификација’, тие воопшто постојат. Јас како уметник сум воден од некои поинакви ставови и сметам дека реалната престава на светот е во постојан конфликт со камуфлираната лажност и бара пред сѐ голем напор, себежртвување и цврст ‘рбетен столб, тие реални нешта на еден симболичен начин да бидат преточени во издржана приказна на сликарското платно.
Како би го опишале моментот кога ќе се најдете „еден на еден“ со празното сликарско платно?
„Неопислива средба која претставува симбиоза помеѓу претходно остварена визија и првиот повлечен потег на белината на канвасот. И токму таа точка каде тие се допираат е моментот во кој се раѓа сосема нова приказна која честопати знае да отиде во некоја поинаква насока од претходно замисленото , притоа отворајќи многу нови опции кои знаат да ме стават на ‘маки’,тестирајќи ја мојата доследност, а на кои и покрај сѐ, јас неизмерно им се радувам и им заблагодарувам.“
Дали боите ги поврзувате со содржината на сликата или, пак, со внатрешната состојба на Вашиот дух?
„Мојот однос во улога на сликар кон палетатата на бои не е само прашање на естетика, туку тоа е нешто што е предодредено од низа психолошки фактори, природата на мојот дух и темперамент, како и средината во која се развивам како уметник. Ќе забележите дека на моите слики преовладуваат топли земјени тонови и нијанси, пресечени со сина боја, која освен да го нагласи моментот на контраст, има за задача да ја смири целата композиција и да ја поттикне концентрацијата на самиот набљудувач.“
Како себе би се дефинирале како уметник?
„Се дефинирам како уметник кој слика фигуративен реализам. Тежнеам да создадам дела кои во себе ќе содржат различни појдовни точки на толкување, за да може секој што ќе го види делото, да креира сопствена приказна во која главната улога ќе ја игра токму тој, дури и да се работи за најобичен лаик за уметност.“
Целта на секој уметник е да создаде дело кое ќе биде провокација и емотивно ќе допре дури и до обичниот, рамнодушен набљудувач. На кој начин Вие ги „провоцирате“ љубителите на Вашата уметност?
„ Не би го нарекол тоа ‘провокација’, можеби повеќе би го употребил терминот поттик, кој се буди кај секој реципиент за самопронаоѓање во одредено дело. Приказните што ги креирам претставуваат мешавина на класична техника и ирационални претстави кои надоаѓаат од некој потсвесен хронотоп, меѓутоа рационално контролиран, па често ми се случува и самиот да се изненадам од содржината и тензијата на насликаната претстава и тежината на пораката која во себе ја носи.“
Кое свое дело би го издвоиле како Ваше омилено и по што истото се разликува од останатите?
„Не би можел да се фокусирам на некое и да го издвојам како посебно. Во секое мое дело има оставено по еден длабок печат од мојот талент и парче душа како траен залог и немо сведоштво за мојата емоционална посветеност кон истото. Секое од нив си има свое посебно место во мојот свет и секое ми е подеднакво драго, притоа не давајќи приоритет на оние кои се создавани подолг временски период и барале од мене поголема жртва во процесот на самото настанување“.
Дали кај нас може да се живее од уметност?
„ Секако дека може, иако и тоа е доста индивидуално. Овде конкретно би зборувал за себе, бидејќи јас живеам за и од уметноста. Колку и да звучи нескромно, досегашното искуство ми потврдува дека моите дела привлекуваат многу луѓе, од различни генерации и од речиси сите професии. Секој од нас, кога нешто сака да го поседува и да го има само за себе, наоѓа начин за тоа. Мислам дека таков е случајот и со моите уметнички дела. Тие едноставно се такви што многу луѓе ги разбираат и многу често ги посакуваат на својот ѕид. И не, не зборувам овде за комерцијализирана уметност, туку за еден поетичен допир со четка, директно во душата на самиот восприемач“.
Текстот Интервју, Драган Колебен: Творец на чисти, а не на „козметички“ емоции е превземен од МАКФАКС.