
Изложбата „Црн петел, црвена кокошка: култови на плодноста, обреди, обичаи и верувања“, која ја подготви Музејот на Мкедонија во соработка со Археолошкиот музеј од Скопје, на 7 февруари беше отворена во Етнографскиот музеј во Загреб.
Од Музејот велат дека изложбата бележи позитивни одгласи во хрватските медиуми.
„Оваа изложба нуди увид во разните видови археолошко и етнолошко македонско културно наследство од праисторијата до денес, кои содржат елементи на телесното и сексуалноста, а со тоа и на плодноста“, пишува tportal.hr.
„Многу интересна и откачена гостувачка изложба од Музејот на Македонија, чие отворање во Етнографскиот музеј привлече голем број заинтересирани посетители и гости“, пишува turistplus.hr.
Во Етнографскиот музеј во Загреб изложбата е со назнака „содржина што не е дозволена за помлади од 15 години“.
Изложбата што во Загреб ќе биде отворена до 7 април 2019 година е подготвена од Музејот на Македонија и Археолошкиот музеј од Скопје и презентира мал дел од култовите на плодноста што се практикувале на територијата на Македонија од предисторијата до денес.
Култовите и обредите на плодност се претставени преку разни форми на предмети, на женски фигурини од предисторијата (антропоморфни и зооморфни жртвеници), опрема од обичаите под маски, велигденски јајца и делови од женската народна носија. Плодноста во најтесна смисла се поврзува со опстанокот на човештвото, но и со внесување елементи на еротика во секојдневниот живот на луѓето (ламби и садови со еротски сцени и претстави во антиката).
Таа еротика на некој начин низ вековите се пренесувала и преку усното народно творештво со песни, приказни, поговорки и гатанки како еден вид вербална магија со цел да иницираат плодност и кај човекот и кај природата.
Обичаите под маски што го одбележуваат крајот на зимата и обновувањето на природата се полни со симболични ритуални дејства кои треба да обезбедат плодност на луѓето, стоката и посевите. Овие архаични обичаи во изложбата ги презентираме преку фотографии и документарните филмови „Џоломари и Говедар Камен“. Жените во Македонија и денес активно посетуваат култни и свети места – манастири, цркви, турбиња, води, камења, дрва и други вршејќи разни обреди поврзани со плодноста.
Она што има посебен белег во оваа изложба е начинот на кој култот на плодноста бил вткаен во облеката што луѓето ја носеле во 19 и 20 век. Македонската женска носија како целина, но и одделните делови и украси, ја презентирале биолошка спремност на жената за репродукција. Таа воедно била и силен симболичен агенс за поттикнување на плодноста, но и магиски заштитник од невидливите зли сили што можеле на жената да ѝ ја одземат способноста да раѓа.
Ваквиот начин на презентирање разнородни предмети и визуелни материјали, кои се разликуваат како типолошки така и хронолошки, укажува на уникатноста на оваа изложба. Интересен е нивнот спој и начинот на кој тие се надополнуваат и воедно се дообјаснуваат.
Автор на изложбата е Јован Шурбаноски, коавтори се Јасемин Назим, Александра Папазовска, Владимир Боцев, кустос на изложбата е Гордана Виљетич, дизајн на изложбата е Јован Ивановски, визуелен идентитет на изложбата е New Moment New Ideas Company Skopje, а дизајнот на каталогот и информативните панели е на Леон Џинго. Автори на текстовите се Јасемин Назин, Александра Папазовска, Ирена Настева-Колиштркоска, Владимир Боцев, Елизабета Конеска, Илина Јакимовска, Гоце Наумов, Сања Димовска.
Реализацијата на изложбата е поддржана од Министерствата за култура на Македонија и Хрватска.
Текстот Музејот на Македонија со изложба во Хрватска: „Црн петел, црвена кокошка“ е превземен од МАКФАКС.