
НУ Национална галерија на Македонија, во рамките на својата годишна јубилејна програма за 2018 година, организира ретроспективнaта изложба на Танас Луловски – Тане како еден од доајените на македонското современо сликарство, кој даде силен белег и остави неизбришливи траги во развојот и афирмацијата на македонската современа ликовна уметност. Изложбата ќе биде отворена на 20 декември во 19 часот во изложбениот простор на Даутпашиниот амам.
„На изложбата која претставува одбележување на повеќедецениското творештво и каракатеристичен авторски белег на овој наш еминентен сликар Танас Луловски – Тане, ќе бидат поставени дела (слики и цртежи) од сите фази од неговото творештво, кое почнува во 60-тите години на минатиот век. Со оглед на неговото големо значење и силниот и препознатлив белег кој беше инспирација за многу нови генерации на ликовни автори, а земaјќи предвид дека досега не е напаравено вакво ретропсективно прикажување, и покрај парцијалните претставувања на неговите дела во последните 10-ина години, оваа ретроспективна изложба ќе преставува своевиден пресек на неговото творештво укажувајќи на неговото исклучително значење за современата македонска ликовна уметност“, велат од Национална галерија на Македонија.
Изложбата ќе содржи слики и цртежи од разни творечки периоди на Танас Луловски – Тане. Делата што ќе бидат претставени се сопственост на семејството на авторот, на повеќе институции (НУ Национална галерија на Македонија, НУ Музеј на современата уметност, НУ Центарот за култура „Антон Панов“ – Струмица), како и на значаен број приватни сопственици. Изложбата ќе биде отворена до 20 февруари в година.
Текстот Ретроспективнa изложба на Танас Луловски – Тане во Даутпашиниот амам е превземен од МАКФАКС.