
Во фоајето на Македонски народен театар, на 18 декември, непосредно пред премиерата на претставата „Галеб“ закажана за во 20 часот, ќе биде отворена и изложба со која ќе биде одбележан јубилејот на доајенот на македонското актерство – Петре Арсовски.
Изложбата „Петре Арсовски, 50 години театар“ е визуелно сведоштво за живот на сцената на актерот Петре Арсовски. Преку фотографии, плакати и останати експонати на дел од претставите во кои игра, а се во продукција на МНТ, целта е да се прикаже развојот и низата остварени ликови на еден од најпочитуваните актери во македонското глумиште и „жива легенда“ на македонскиот театар и филм.
Петре Арсовски дебитира во „Венецијански трговец“ како Првиот полицаец во 1968 година, моментално игра во „Разговори во четири очи“, ликот на Чичко Јакоб, а со ликот на Петар Николајевич Сорин во „Галеб“ на А.П. Чехов одбележува 50 години на оваа сцена. Преку остварените ликови на Арсовски на сцената на МНТ се испишува и еден дел на историјата на театарот во кои тој своите ликовите ги реализира на начини кои го вреднуваат на најпрепознатливо ниво.
„Со постојаноста на квалитетот на сцената, видлива и во експонатите, изложбата дава поглед на актерските реализаци на Арсовски преку кои тој е запаметен/се памети како актер кој се гради, а на сето изминато време му дава значаен белег. Во сите претстави, преку играта и умеењето да се фати во костец со секој лик, без разлика дали е голем или мал, тој плени со својата ненаметлива снага, одмереност, посветеност и умеење да се фати во костец со секој доверен нов лик“, се вели во најавата за изложбата.
Текстот Изложба „Петре Арсовски, 50 години театар“ во МНТ е превземен од МАКФАКС.