
Ликовниот проект „Орнаментот како пејзажен знак“од Атанас Атанасоски ќе се реализира од петок, 22 јуни, од 11 часот во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Проектот инсталација се одвива во рамките на програмата за ликовна активност на Центарот за култура „Марко Цепенков“, а се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура.
Идејата за реализација на проектот се надоврзува на претходните изложби/ инсталации, во кои концепцијата се темели на монохромијата, минимализмот, математиката – геометријата (линии, форма, структура, боја) и имаат цел да ја бараат естетиката на хармонизирање на соживотот помеѓу човекот и природата. Таа нуди можност за пристап кон уметничкото изразување, кое поради растечките еколошки и социјални проблеми, станува сè порелевантно и социјално ангажирано.
„Играта на точно одредените линеарни визури, ликовната изведба, се фокусира на природните материјали како податливи ресурси при обликувањето на вегетативните структурални површини. Од културната стратиграфија како инспиративен момент е орнаменталната декорација, кој и претходно била својствен мотив за мојот творечки сензибилитет. Орнаментот во овој проект нема само декоративна функција, туку ќе претставува конститутивен елемент што ќе ја изгради семиолошката и симболичка структура. Тој ќе се манифестира како стилистички факт на просторни метафори, откривање галактички светови. Ритамот на сопствениот тивок криптичен говор, редењето на трновитата вегетација од спектар на структура и колорит, дел по дел ќе се соединат во една целост, која ќе рефлектира високо софистицирано текстуално ткаење.
Разните геометриски барелјефни мотиви, прелеани во својата глобална композициска структура, низ континуираното ритмичко мултиплицирање во разни насоки, ќе го активира динамичниот тек на ликовното дело. Светлината (иако ќе вибрира врз композицијата, со благите прелевања на светло-сенките, уште повеќе ќе ја ритмизираат и динамизираат играта на фасцинации создавајќи го монументалниот мозаик“, вели Атанасоски.
Текстот Ликовен проект „Орнаментот како пејзажен знак“ во Прилеп е превземен од МАКФАКС.