Во рамките на манифестацијата „Научна и уметничка визита 2017“ организирана од МАНУ, синоќа, во Куќата на Уранија, во Охрид, беше отворена изложбата „Акварели“ на академик Васко Ташковски.
Изложбата за отворена ја прогласи секретарот на Одделението за уметност при МАНУ, Газанфер Бајрам, а промотор беше академик Катица Ќулавкова.
-Охрид е постојана, непресушна инспирација на Васко.Со својата природа, со крајбрежјето, оригиналната архитектура – што го прават едно од најубавите места во светот.Тие се инспирација, сето тоа заедно делувга како еден природен акварел, доживеан и пренесен во своите дела од Васко, чиии акварели се прозирни, ја вдишуваат јаснотијата на целата атмосфера и се чувствува овој аква-амбиент – рече Бајрам.
За монографијата Акварели (Watercolours),издадена годинава од МАНУ и Матица Македонска, говореше академик Катица Ќулафкова.
-Во оваа книга, посветена на сопругата на Ташковски, Биба, испишана е една автопоетика на овој извонреден македонски акварелист, но и цртач, сликар и графичар.Непретенциозно, биографски, низ промислени сеќавања, Ташковски ја реконструира свијата лична ликовна поетика, всушност поетиката на акварелното творештво. Од крајот на 80-тите на 20-от век до денес, 2017, акварелот останува битна одлика на ликовниот идентитет, суштина на акварелната естетика на академик Ташковски – рече, мегу другото, академик Ќулафкова.
Васко Ташковски потекнува од Нижополе, крај Битола. Роден е 1937 година и е водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот.
Завршил средно уметничко училиште во Скопје, 1958 година, а потоа дипломирал на Академијата за применета уметност во Белград, 1964 година.